2014
ДОСТАВЕН ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ ВО МЖСПП |
На 31.3.2014 година Пакомак го достави Годишниот извештај до Министерството за животна средина и просторно планирање за постапувањето со отпад во 2013 година и истиот очекуваме да биде одобрен од Управата за животна средина при Министерството бидејќи и во 2013 година беа исполнети националните цели. Со тоа Пакомак трет пат по ред, во своето тригодишно постоење, ќе ги исполни сите услови за работа и задржување на дозволата за работа, што претставува огромна сигурност за нашите клиенти. Пакомак во 2013 година преку својот систем за управување и постапување со отпад од пакување, вклучи над 700 производители и увозници кои, согласно нивните доставени месечни извештаи, пуштаат на домашниот пазар 40.735,5 тони амбалажен отпад. Пакомак за 2013 постигна стапка на собирање и рециклирање од 23% во однос на пријавените 40.753 тони отпад од пакување од неговите клиенти, односно беа однесени на рециклирање 9.032 тони амбалажен отпад. Со ова, Пакомак ДОО го исполни условот за задржување на Дозволата за постапување со отпад од пакување, согласно наведениот член 21 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување. |
ПАКОМАК НА СЕМИНАР ВО СОФИЈА |
Пакомак беше дел од Форумот за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, паметни градови, управување со отпад и рециклирање во Софија, Бугарија во периодот од 5-7 март 2014 година. Организаторот Виа Експо, на овој семинар го сврте вниманието на присутните кон иднината на градовите во Југоисточна Европа. Се очекува дека до 2050 година, 79% од човештвото ќе живее во градовите со што ќе се зголеми демографски притисок во нив. Ваквата миграција, ставена во контекст на климатските промени и растењето на цените на природните ресурси, ќе значи неопходни инвестиции во областа на чиста енергија, зелени градови и објекти со подобри перформанси. Земјите од Југоисточна Европа, свесни за моменталната ситуација, ги ажурираат своите национални закони и инвестираат во нови технологии за да остварат енергетска независност, да го намалат негативното влијание врз здравјето на луѓето и животната средина,а воедно да изградат и ефикасна економија. Токму овие нивни напори беа клучни теми на семинарот. Пакомак, како една од македонските компании кои се клучни за подобрување на домашните системи за управување со отпад и создавање зелени градови, ги слушна искуствата на соседните земји и нивните практични решенија кои во иднина ќе и помогнат на компанијата уште повеќе да ја зголеми ефикасноста во своето работење. |
СОРАБОТКА СО КАПИТОЛ МОЛ |
Пакомак во јануари ја започна својата соработка со Капитол Мол во Аеродром, поставувајќи канти за селектирано фрлање на отпадот во најновиот скопски трговски центар. Дополнително, беа избрендирани и стаклата во трговскиот центар со еко-пораки. Со ваквата соработка, Пакомак им ја потенцираше важноста на селектирањето и рециклирањето на отпадот на сите купувачи кои го посетуваат Капитол Мол. Достапноста, пак, на кантите за селектирано фрлање на отпадот, е најважниот чекор за промена на нивните навики. Компанијата и во иднина ќе продолжи да ја шири комуналната мрежа низ земјата и заедно со граѓаните да гради почиста иднина за сите нас. |
ЕКО-ИЗЛОЖБА ВО ВЕРО, РАМСТОР И КАПИТОЛ МОЛ |
Компанијата Пакомак, со цел да даде еден поинаков поглед на амбалажата во секојдневниот живот, во декември го распиша наградниот конкурс „Trash for аrt 2013“ во кој беа пријавени над 200 интересни и уникатни уметнички дела. Конкурсот кој трета година по ред е организиран од Пакомак, за прв пат беше поддржан и од ПроКредит Банка. Жири комисијата ги прогласи најдобрите 6 дела и истите беа наградени. Главната награда во категоријата поединец ја освои Дарко Базерко со своето дело„Мотор“,направен од делови од пластични шишиња, лименки од кафе и картон. Во категоријата училишта првата награда, пак, им припадна на учениците од гимназијата “Никола Карев” со делото “Голум”. За да ги промовира наградените дела, Пакомак истите ги изложи во Веро Центарот во месец февруари, а по завршувањето на оваа изложба, делата беа пренесени во трговските центри Рамстор и Капитол Мол. Преку овие изложби, голем број посетители беа информирани за акцијата Trash for art на Пакомак, но добија и порака за тоа колку е важна грижата за нашата животна средина. Делата беа вистински пример за тоа дека ако размислуваме надвор од границите – во амбалажата наместо отпад ќе видиме уметничко дело. |
СОРАБОТКА СО ПРОКРЕДИТ БАНКА |
Компанијата Пакомак и ПроКредит Банка потпишаа меморандум за соработка која ќе се одвива во неколку етапи во наредниот период. За почеток, Пакомак преку своите соработници во секоја од 13-те експозитури на ПроКредит Банка во Скопје организираше поставување на картонски корпи за собирање на административна хартија од работењето, која понатаму ќе биде собирана и носена на рециклирање, а беа поставени и кутии за собирање на неважечките кредитни и дебитни картички, како отпад од пластика. Со овие активности им се овозможува на вработените на банката и нејзините клиенти да дадат свој придонес во зачувувањето на животната средина. Со оваа соработка, ПроКредит Банка ја зацврсти својата определба да биде еколошка банка, која се грижи за заштитата на животната средина и која има јасно развиена еколошка стратегија. Покрај зелените кредити за енергетска ефикасност за претпријатијата и граѓаните, електронското банкарство и еколошките иницијативи на вработените, преку соработката со Пакомак Банката пренесе уште една порака - дека само со еколошко однесување и рециклирање на отпадот, може да се направи еколошки чекор напред. Заложбите на Пакомак за подигнување на општата еколошка свест ќе продолжат и понатаму, со поттикнување на различни еко-акции и настани во соработка со компаниите во Македонија. Зелената мисија на Пакомак продолжува и понатаму, а тоа е почиста планета, почист воздух, поздрава храна и почиста животна средина. За да се оствари ова, треба сите да размислуваме глобално, но да дејствуваме локално! |
ПОДДРШКА НА ЕКО-АКЦИЈАТА “МАКЕДОНИЈА ЗЕМЈА НА РОЗИТЕ“ |
По повод Денот на пролетта – 21 март, Министерството за животна средина и просторно планирање ја организираше еко-акцијата под мото „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“. Во неа беа засадени над 50.000 рози низ градовите на целата држава. Ова еко-акција се базираше на студија која покажа дека розата има исклучителна способност да ги задржи и акумулира штетните елементи, особено тешките метали од водата, воздухот и почвата. Розата е повеќегодишно цветно растение, лесно за одгледување на различни простори, може да живее до 30 години и да цвета дури 200 дена во годината. Пакомак ја подржа акцијата и ги повика децата од основните училишта низ цела Македонија да изработат уметнички дела од отпад од пакување на тема „Роза“. За изработените дела беа организирани продажни изложби, а собраните средства беа искористени за купување садници на рози, кои ќе се садат во училишните дворови. Во соработка со МЖСПП и Регионалниот центар за животна средина беа доделени девет поединечни награди поделени во три категории, и тоа, во категорија од прво до трето одделение, категорија од четврто до шесто одделение, и од седмо до деветто одделение. Првонаградените од секоја категорија добија таблет со енциклопедија, второнаградените добија велосипеди, додека третонаградените ученици си заминаа со училишни ранци полни со слатки производи. |
ПОДДРШКА НА ФЕСТИВАЛОТ „ПОТОЧИЊА“ |
Пакомак го поддржа детскиот фестивал „Поточиња“ кој се одржа по 11-ти пат во Универзална сала на 22 и 23 март 2014 година. Компанијата изработи за децата интересни еко-видеа кои беа пуштани на екранот поставен на сцената, со кои им покажаа на децата дека амбалажата што има минато може да има и иднина. Истовремено, Пакомак ги повика присутните дечиња да се грижат за животната средена и да ги фрлаат своите отпадоци во кантите за селектирано отстранување на отпадот, поставени во Универзалната сала од страна на Пакомак. |
ЕКО-АКЦИЈА НА „ПАКОМАК“ И СКОПСКИТЕ КАФУЛИЊА И РЕСТОРАНИ |
Акцијата на компанијата Пакомак и скопските кафулиња и ресторани за селективно фрлање отпад во угостителството, започната минатата година, интензивно продолжи и оваа година, со вклучување на повеќе објекти. Имено само првите три месеци од оваа година се собрани над 8 тони стакло, а со вклучувањето на дополнителни објекти, количините кои ќе се собираат и носат на рециклирање ќе се зголеми. Еколошката акцијата започна со почетни 15-тина познати скопски кафулиња и ресторани, кои покажаа општествено-одговорно однесување и дадоа придонес кон зачувувањето на животната средина и природните богатства на нашиот главен град, за денес бројката да биде многу поголема. Во секое од кафулињата и рестораните вклучени во овој проект, од страна на Пакомак се поставени три различни корпи со ознаки за стакло, пластика и хартија. Персоналот во овие објекти ја фрла амбалажата од пијалоците по употребата во контејнерот наменет за соодветниот тип на амбалажа. Дополнително, сите кафулиња и ресторани се избрендирани со интересни еко-пораки чија цел е да ги поттикнат и гостите во овие угостителски објекти да го селектираат и рециклираат отпадот. Преку оваа акција, целта на Пакомак е да ја зголеми свесноста кај луѓето, да создаде здрави еколошки навики и едноставно - поубава средина за живеење за сите нас. За да бидете и вие дел од оваа ЕКО акција на Пакомак, барајте ги кафулињата и рестораните со оваа ознака (да се стави слика од налепницата EKO café ili EKO Restoran) и покрај убавите моменти поминати во овие локали, дадете свој придонес во заштита на животната средина. |