• en
  • mk
  • Почетна
  • За Нас
  • Услуги
    • Членство
    • За граѓаните
    • За локалната самоуправа
  • Медиуми
    • Соопштенија
    • Пакомак во медиумите
  • Настани
  • Галерија
  • Закони
  • Pro Europe
  • Оператори
  • Клиенти
  • Контакт
2018
2017
2016
2015
2014
2013
2012
2011

2018

информатор Бр.25
информатор Бр.26
информатор Бр.27


„ПАКОМАК“ И „АДИЕНТ“ МУ ПОДАРИЈА НА ГРАДОТ ШТИП НОВ ЕКОПАРК

На 19. 10. 2018 година во градот Штип, во населбата Сењак 4, „Пакомак“, во соработка со компанијата „Адиент“, донираше и официјално отвори нов екопарк.

Се работи за донација на клупи, детски лулашки, канти за отпадоци и други реквизити за забава и за игра на најмалите, кои беа поставени и официјално пуштени во употреба. Настанот беше надополнет и со екоакција за засадување дрвца во која учествуваа сите присутни.

На настанот пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Штип, господин Благој Бочварски, кој во своето обраќање им се заблагодари на „Адиент“ и на „Пакомак“ за нивната општествена одговорност и за нивниот придонес во урбанизација и во разубавување на градот Штип.

„ШТЕДИ, КРЕИРАЈ, ПОБЕДИ“ – НОВ КРЕАТИВЕН КОНКУРС НА „ПАКОМАК“ И НА ШПАРКАСЕ БАНКА

Со цел да се одбележи октомври како месец на штедењето, „Пакомак“ и Шпаркасе банка организираа голем креативен конкурс под наслов „Штеди, креирај, победи“.

Креативниот конкурс беше наменет за децата од градинките и од основните училишта, чијашто задача беше да создадат уметничко дело користејќи пластика или хартија на тема „Штедење“.

Идејата е да се негува и развива креативноста кај децата од градинките и од основните училишта, но и да се разбуди свеста кај децата за постапување со отпадот креирајќи од него уметничко дело.

Најдобрите дела Шпаркасе банка ги награди со парични награди на штедна книшка.

Прогласувањето на добитниците и доделувањето на наградите се одржа на 4. 11. 2018 година, во емисијата „Горе-долу, сите сме еднакви“, заедно со Ивце Пивце.

„ПАКОМАК“, „ПИВАРА“ - СКОПЈЕ И ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР НА ГРАЃАНИТЕ ИМ ПОДЕЛИЈА ПЛАТНЕНИ ТОРБИ ЗА ПАЗАРЕЊЕ

Во пресрет на Меѓународниот ден за чистење на планетата, „Пакомак“, во соработка со „Пивара“ - Скопје и со амбасадорот на Холандија Воутер Пломп, ја искористи можноста да им порача на граѓаните да ги заменат пластичните кеси со платнени торби за пазарење.

Со цел да се подигне свеста за потребата од замена на неразградливите пластични кеси, со алтернативни решенија што не ја загадуваат животната средина, во неколку маркети низ Скопје, „Пакомак“ и „Пивара“ - Скопје, заедно со амбасадорот од Холандија, господин Воутер Пломп, на граѓаните им делеа платнени торби како едно од најеколошки прифатливите решенија.

За време на акцијата, амбасадорот на Холандија, Воутер Пломп, изјави дека се надева дека со оваа симболична акција ќе ги поттикне луѓето да променат нешто во своите секојдневни навики и со тоа порача дека место да учествуваме во создавање на проблемот, треба заедно да бидеме дел од неговото решение.

На настанот се обрати и генералниот директор на „Пивара“ – Скопје, Владимир Косијер, кој изјави дека оваа акција е дел од пошироката долгорочна платформа на „Пивара“ и на „Пакомак“, која се одвива под мотото „Рециклирате ли?“. Платформата вклучува најразлични активности почнувајќи од едукација на младите и на пошироката јавност за потребата од правилен третман, селекција и рециклирање на отпадот, како и волонтерски екоакции за чистење на јавните површини.

Дополнително Косијер апелираше и до другите компании и до целото општество да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето на околината, со што заедно ќе креираме услови за одржлива иднина за нас и за идните поколенија.

„ПАКОМАК“ ИМ ДОДЕЛИ ЕКОПАСОШИ НА ОБЈЕКТИТЕ ШТО СЕ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА ЗА ВЕРНОСТ – ЕКОЗОНА

Во изминатите три месеци „Пакомак“ континуирано продолжи да ги негува партнерските односи со угостителските објекти што се дел од програмата за верност – Екозона.

Со цел дополнителна мотивација за зголемување на обемот на селекција на стаклена амбалажа, во изминатиот период на повеќе од 500 угостителски објекти во Скопје им беа поделени екопасоши. Во екопасошите е предвидено да биде евидентирана количината стаклена амбалажа што ќе биде селектирана од страна на објектот и соодветно предадена на „Пакомак“. Идејата е на најеколошки одговорните угостителските објекти, кои посветено собираат стаклена амбалажа, да им се оддадат признанија и соодветни награди. Освен на скопските угостителски објекти, екопасошите веќе активно им се делат и на сите други угостителски објекти што се дел од програмата на Екозона низ цела Република Македонија.

„Пакомак“ и во иднина ќе создава механизми за мотивирање на деловниот и на граѓанскиот сектор за селектирање на отпадот оддавајќи им признанија на најеколошки одговорните во грижата за зачувување на животната средина.

„ПАКОМАК“ И НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА БАЛКАНСКИ ЕКОИНСТИТУТ ВО ЈАНУАРИ ЌЕ ИЗБЕРАТ НАЈЗЕЛЕНА ОПШТИНА И НАЈЕКОЛОШКИ ГРАДОНАЧАЛНИК ВО ЗЕМЈАВА

Компанијата „Пакомак“, во соработка со невладината организација Балкански екоинститут, распиша конкурс за избор на најеколошки градоначалник и општина за 2018 година. Изборот ќе се изврши во јануари в година, а право на учество имаат сите општини во земјава, урбани и рурални. Градоначалниците, кои ќе сакаат да се гордеат со титулата еколошки градоначалник и еколошка општина ќе треба да се пријават на конкурсот и да ја пополнат апликацијата што е објавена на веб-страницата на „Пакомак“.

„Ги охрабруваме сите градоначалници, кои сериозно вложуваат напори во реализација на проекти за подобрување на состојбата на животната средина во своите општини, да се пријават на конкурсот на ’Пакомак‘ и на БЕИ. Апелираме општините целосно да го реализираат предвидениот буџет за екологија во зелени проекти и сето тоа да го забележат со пополнување на апликацијата за конкурсот. За возврат можат да очекуваат награди, првенствено од своите задоволни жители, но и од ’Пакомак‘“, велат од невладината организација БЕИ.

Пријавувањето за учество на конкурсот може да се направи до 31 декември 2018 година до 23.59 часот. Пријавата треба да се достави во електронска форма на е-пошта: i.brdaroski@pakomak.com.mk. Апликацијата за пријавување и критериумите што треба да се исполнат можат да се преземат од веб-страниците на „Пакомак“ www.pakomak.com.mk и на Балкански екоинститут, www.bei.mk.

Компанијата „Пакомак“ на избраната најеколошка општина и градоначалник ќе им додели модерно детско игралиште, направено од еколошки и рециклирани материјали.

„ПАКОМАК“ ПО ОСМИ ПАТ ГО ПОДДРЖА ПРИЛЕПСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА ПИВОТО – „ПИВОФЕСТ“

Компанијата „Пакомак“ осма година по ред придонесува Прилеп да остане чист и ги мотивираше посетителите на фестивалот „Пивофест“ да го селектираат пластичниот отпад. Оваа година фестивалот се одржа од 12 до 15 јули, а екоакцијата што ја спроведе „Пакомак“ успешно резултираше со создавање добри навики кај посетителите на фестивалот.

„Пакомак“, покрај тоа што ги постави своите препознатливи канти за селектирање отпад на фестивалот, оваа година повторно додели 2.000 ваучери и со тоа ги награди совесните посетители, кои се однесуваа одговорно со пластичниот отпад. Под мотото „Направи добар гест - за Прилеп чист и по ’Пивофест‘“ секој посетител што ќе донесеше седум употребени пластични чаши на штандот на „Пакомак“, добиваше ваучер за едно бесплатно пиво.

Со цел да се засили свеста за правилно постапување со отпадот кај повеќе од 200.000 посетители на фестивалот, и истовремено да се придонесе за уште поголема забава на фестивалот, „Пакомак“ со оваа екоакција успешно собра повеќе од 14.000 пластични чаши.

НОВИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ ВО КАВАДАРЦИ

Во текот на август „Пакомак“, покрај другите активности, се посвети на едукација и на мотивација на граѓаните на градот Кавадарци.

Со цел да им овозможи на граѓаните на Кавадарци полесно селектирање и правилно постапување со отпадот, беа поставени добро препознатливите сини, зелени и жолти контејнери за селектирање хартија, стакло и пластика. Дополнително, за лесно и успешно да се информира и едуцира населението како правилно да постапи со отпадот, беше спроведена и ТВ-кампања и беа поделени едукативни и информативни материјали.

„Пакомак“ активно работи на својата мисијата за поставување што повеќе контејнери за селекција низ нашата држава, со што ќе им овозможи на граѓаните полесно и поактивно да придонесат за зачувување на животната средина.

„ЗАЕДНО БОИМЕ, ЗАЕДНО РЕЦИКЛИРАМЕ“ – ДОНЕСИ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА И ДОБИЈ БОЕНКА

На 15 септември под мотото „Заедно боиме, заедно рециклираме“, „Пакомак“, во соработка со книжарницата „Матица“, почна нова екоакција со цел ги мотивира и награди најмладите што постапуваат совесно со пластичниот отпад.

Почнувајќи од 15. 9. 2018 година, секој што ќе донесе најмалку едно пластично шише во просториите на книжарницата „Матица“, во знак на благодарност за совесното селектирање на отпадот ќе добие на подарок боенка - „Броенка, боенка“.

Промоцијата е во тек и трае сѐ додека не се подарат сите 2.000 боенки што се предвидени за оваа акција.

АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВРВОТ НА ВОДНО ВО СОРАБОТКА СО ПЛАНИНАРСКИ КЛУБ „БИСТРА“ И СО „ЛАЈОНС КЛУБ ДИСТРИКТ 132“

„Пакомак“, во соработка со Планинарски клуб „Бистра“ и со „ Лајонс клуб дистрикт 132“, спроведе екоакција за чистење на врвот на Водно.

Во срдечна атмосфера и убаво расположение, „Пакомак“, Планинарскиот клуб „Бистра“ и „Лајонс клуб дистрикт 132“ направија спој од убавото и корисното и организирано го исчистија врвот на планината Водно од отпад.

„Пакомак“, како и досега, така и во иднина, ќе продолжи да реализира ваков вид акции вклучувајќи го и деловниот сектор во нив, со цел подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата од правилен третман на отпадот потсетувајќи на неопходноста и на одговорноста за зачувување на животната средина.

„ПАКОМАК“ И „ФЛЕКА“ ПРЕКУ ХУМОРИСТИЧНИ ВИДЕА ГО МОТИВИРААТ НАСЕЛЕНИЕТО ДА СЕЛЕКТИРА ОТПАД

Под мотото „Селектирај иднина!“ „Пакомак“, во соработка со хумористичното трио „Флека“, креираше видеокампањи за подигнување на свеста за рециклирање хартија, стакло и пластика.

Соработката резултираше со креирање неколку хумористични кратки видеа, кои истовремено се и едукативни и мотивирачки за правилен третман на отпадот. Видеата за кратко време станаа популарни на социјалните мрежи и беа позитивно прифатени од страна на јавноста.

Целта на „Пакомак“ и на „Флека“ е преку хумор и забава да ја пренесе пораката дека сите заедно можеме да придонесеме за почиста животна средина.

Видеата се достапни на официјалната страница на „Фејсбук“ на „Пакомак“.

Линкови од видеата:
Секој има своја одговорност -
https://www.facebook.com/Pakomak.mk/videos/249661525698810/
Селектирај иднина -
https://www.facebook.com/Pakomak.mk/videos/2014132611978018/
Селектирај иднина -
https://www.facebook.com/Pakomak.mk/videos/1785097584903326/

ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МАПА НА КОНТЕЈНЕРИТЕ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ХАРТИЈА, ПЛАСТИКА И НА СТАКЛО ОД „ПАКОМАК“

Со цел да се овозможи полесно и подостапно информирање на граѓаните на Република Македонија, „Пакомак“ изработи дигитална мапа на која се обележани сите општински локации на кои се поставени добро препознатливите контејнери за селектирање.

Доколку сакате да дадете свој придонес во зачувување на животната средина, селектирајте го отпадот и оставете го во најблиските контејнери за селекција на отпад на „Пакомак“.

Локациите на општинските собирни места на „Пакомак“:

https://www.google.com/maps/d/viewer?mid=1QlxD0rxyrdL0-q_LNHqDeDMKDnqe3Bsc&ll=41.98848906316883%2C21.450580349999996&z=16